Македонија ќе ги штити жртвите на семејно насилство

Автор: Justicia.mk
Прoчитана: 399 пати
Датум на објава: 13/07/2014

 

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов се обрати на јавната расправа за Предлог - Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, во организација на Министерството за труд и социјална политика, која што започна денеска и ќе трае до 14 јули, а на која свое учество ќе земат релевантни институции, невладиниот сектор, судии, меѓународни организации, експерти и политичари, со цел подобрување на заштитата на жртвите на семејно насилство.

 

Владата на Република Македонија со донесувањето за првпат на нов посебен Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, не само што го следи примерот на многу европски земји и земји од нашето опкружување во кои со посебен закон е регулирана оваа материја, туку овој нов закон во голема мера ќе понуди нови механизми и концепти за сузбивање на семејното насилство.

 

Предлог-законот ги дефинира  начелата  на коишто ќе се заснова почитувањето на достоинството и личниот интегритет на жртвите на семејно насилство, третирајќи го овој проблем како повреда на основните човекови права. Како основни начела се предвидуваат и начелото на итност и одговорност на надлежните институции, интерсекторско постапување и координирање.

 

Во однос на видовите на семејно насилство, ќе се прошири опсегот на заштита и за жртвите на економското искористување. Во новиот предлог закон децидно се определени институциите и нивните надлежности и одговорности за постапување: институциите кои вршат дејност од областа на социјалната заштита, детска заштита внатрешните работи, здравството, вработувањето и образованието, надлежен суд, ЗЕЛС,  вклучително и здруженијата на граѓани. Утврдена е одговорноста за пријавување на сознание за сторено насилство до полициска станица или центар за социјална работа, за секој оној кој има вакви сознанија и тоа за граѓаните, но и за службените и одговорните лица  во сите правни субјекти.

 

Мерките на заштита ги преземаат посебно едуцирани стручни лица. Предвидена  е и  соработка помеѓу Центарот за социјална работа и Агенцијата за вработување на Република Македонија-надлежниот центар за вработување, заради преземање на  мерки за економско јакнење на жртвата преку нејзино активно вклучување на пазарот на трудот и активните мерки и политики за вработување.


Извор: МТСП - www.mtsp.gov.mk