ЕУ ги стави „на стендбај“ санкциите против Русија

Автор: Justicia.mk
Прoчитана: 363 пати
Датум на објава: 09/09/2014

 
Земјите членки на ЕУ синоќа го усвоија новиот пакет санкции против Русија, но тие ќе стапат во сила дури за неколку дена, изјави претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј.
 
- ЕУ е подготвена делумно или целосно да го преразгледа усвоениот пакет, зависно од развојот на ситуацијата на терен, се наведува во соопштението на претседателот на Европскиот совет.
 
Амбасадорите на земјите-членки на Унијата на вчерашниот вонреден состанок по жестоката дебата донесоа одлука со „целни мерки“, со кои постоечките санкции се прошируваат на делови во руската нафтена индустрија, со забрана за извоз на оружје и некои технологии.
 
Дипломатски извори наведуваат дека новиот пакет ги опфаќа руските нафтени компании во државна сопственост. На овие претпријатија ќе им биде оневозможен пристап до европскиот финансиски пазар доколку мерките бидат применети.
 
Освен тоа, ќе биде забрането да се извезува оружје во Русија, како и т.н. стока за двојна намена, која може да се користи и за воени и за цивилни цели.
 
Новите санкции опфаќаат и забрана за извоз на опрема за истражување и експлоатација на нафта, што ќе и предизвика потежок пристап на Русија до нафтените наоѓалишта во арктичкиот појас.