Интервју со адвокат Маја Ристова - експерт за случаи поврзани со заштита од вознемирување на работното место

Автор: Justicia.mk
Прoчитана: 8793 пати
Датум на објава: 05/02/2016

 

Оваа недела, тимот на Justicia.mk спроведе интервју со адвокат Маја Ристова - експерт за случаи поврзани со заштита од вознемирување на работното место. При водење на разговорот ја прашавме адвокат Ристова неколку прашања кои би им биле од корист на граѓаните на Македонија. 

 

Што се подразбира под мобинг?

 

Терминот „mobbing“ најчесто се употребува во шведската, германската и италијанската литература, додека во земјите од англиското говорно подрачје се употребува терминот “bullying”. Во нашата држава правната терминологија за зборот мобинг го користи терминот „вознемирување на работното место”, а ги опфаќа психичкото и половото вознемирување на работното место. Психичко вознемирување на работно место е секое негативно однесување од поединец или група кое се повторува, континуирано и систематски, претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место. Полово вознемирување е секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер, кое има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на вработениот, а кое предизвикува чувство на страв или создава непријатност и пониженост.

 

Дали во Македонија има системско/правно решение за мобинг и злоупотреба на мобинг?

 

До 2009 година, во Р.Македонија мобингот или вознемирувањето на работното место не беше инкорпориран во законски рамки. Во 2009 година, со измените и дополнувањата на Законот за работни односи се додадоа неколку одредби кои го регулираат прашањето мобинг, но не и злоупотребата на правата за заштита од  истото. Од 2013 година имаме посебен закон за заштита од вознемирување на работното место кои регулира повеќе аспекти по однос на оваа проблематика.

 

Доколку има, каква е примената/спроведувањето на овие правни документи во земјата?

 

Од донесувањето на посебниот закон, сигурна сум дека има повеќе иницирани тужбени барања, како и вонсудски постапки кои што ги предвидува самиот закон. Но, овде застанува се. Имено, две и половина години од стапувањето во сила на овој закон, се уште немаме ниту една пресуда, во корист на жртвата. За споредба ќе ја земам Р.Србија која по две години од донесување на посебен закон за мобинг, има дури седум позитивни правосилни судски одлуки. Точно е дека се работи за далеку побројна држава, аналагоно на тоа и со повеќе иницирани тужбени барања, но ако во Р.Македонија немаме ниту една пресуда, по автоматизам значи дека сме држава без мобинг??!!

Но, и покрај тоа што цитираниот закон недоволно јасно и ефикасно ја уредува оваа материја, не мислам дека тоа е единствената причина за ваквата ситуација. Како пример ја посочувам Хрватска, која сеуште нема посебен закон за мобинг, но сепак има правосилна судска пресуда. Во моментот во оваа држава постојат три закони кои го опфаќаат концептот на вознемирувањето и тоа: Законот за работните односи, Казнен закон и Законот за спречување на дискриминација, кои апострофирам дека исто така неефикасно ја регулираат оваа материја, во смисла на тоа дека не се во корелација, како во поглед на дефиницијата, така и во поглед на санкцијата.

 

Колку случаи за мобинг и злоупотреба на мобинг се пријавени во земјата, од донесувањето на Законот за заштита од вознемирување на работно место (народски наречен Закон за мобинг),  и колку се решиле досега?

 

Оваа статистика би требало да ја побарате по судовите во државата. Она што би можела јас да ви дадам како информација е дека, со сигурност тврдам, полека, но, за нијанса повеќе, работниците се охрабруваат да се спротивстават на однесувањата кои се третираат како вознемирување, преку вонсудски или судски постапки.

 

Каков бил нивниот исход?

 

Вонсудски постапки, преку постапката за посредување,  има позитивно завршени, додека судски постапки, како што и претходно наведов, нема со позитивна разрешница.

 

Што би им советувале на работниците, како да се заштитат од мобинг?

 

Законот за заштита од вознемирување на работното место, предвидува да секој кој се чувствува дека е вознемируван на работното место, писмено да се обрати до оној кој вознемирува со „Предупредување” со кое ќе му укаже дека неговото однесување е несоодветно, неприфатливо и несакано, а со цел решавање на спорната состојба, односно случај без поведување на постапка за заштита од вознемирување на работно место, како и да го предупреди моберот дека ќе побара законска заштита ако таквото однесување веднаш не престане. Освен тоа, жртвата пред поднесување на тужба пред надлежен суд може да поднесе и „Барање за заштита од вознемирување на работното место” до работодавачот, во кое ќе наведе негови податоци, и податоци за оној кој вознемирувал, како и нивните работни позиции, краток опис на однесувањето за кое оправдано се смета дека претставува вознемирување на работно место, траење и зачестеност на однесувањата кои се сметаат за вознемирување на работно место, како и датумот кога последен пат е извршено тоа однесување и наведување на факти и докази. Оваа постапка е позната како постапка на посредување, која е интерна и со цел брзо, економично, мирно и вонсудско решавање на спорот. 



Ги советувам сите работници кои сметаат дека се вознемирувани во работната средина, да се информираат повеќе за оваа појава, особено за превенирање од истата. Истовремено да собираат и го чуваат целиот доказен материјал, како дописи, поднесоци, електронска пошта, смс пораки и др., да водат мобинг дневник, односно систематско да ги запишуваат сите податоци за мобингот со колку што е можно повеќе детали, како што се датумот и времето на настаните, имињата на сведоците, исходот од настанот. Препорачливо е и обраќање на психолог и психијатар, и континуирано следење на здравствената состојба, со обезбедување на копии од медицинската документација.

 

Што би им советувале на работодавците, како да се заштитат од злоупотребата на мобингот од страна на работниците?

 

Не постои начин на превенција, од причини што ако работникот решил, секако дека ќе се обиде да направи злоупотреба на правата на заштита од мобинг. Клучното постапување е во тоа да се утврди дали се работи за непознавање на тоа што е мобинг и дали во конкретната ситуација се работи за вознемирување или работникот тенденциозно го користи и злоупотребува ова право, се со цел остварување на одредена цел. Работодавците би ги посоветувала, да ги почитуваат законските одредби за информирање на работниците со овој актуелен проблем, не само заради тоа што тоа е нивна законска обврска, туку поради тоа што би се избегнало било какво однесување кое може да биде протолкувано како мобинг, од страна на неговите вработени.

 

Што би ги советувале доносителите на одлуки и политики, како да се унапреди заштитата од мобинг, како за работниците така и за работодавците?

 

Најпрвин, Законот за заштита од вознемирување на работното место, да претрпи одредени измени и дополнувања, кои би гарантирале поголема заштита на работниците. Понатаму, да се информираат граѓаните се повеќе околку заштитата од мобинг, преку медиумски кампањи како и интерни акти кај работодавачите. Да се отворат и поддржат канцеларии и советувалишта кои ќе нудат едукација, помош и заштита на секој работник кој се чувтсвува како жртва на мобинг. Да се дијагностицира проблемот за недонесување на судска одлука во корист на жртвата - на тркалезни маси, работилници и сл, каде ќе земат активно учество претсавници од правосудство, синдикати, невладини организации и други институции.

 

Вашата порака до нашите читатели?

 

Да веруваат во позитивен исход на овие постапки, така што ќе бидат храбри и истрајни да ги иницираат. Мора некој да биде прв, зарем  не?


Ви благодариме на довербата, поддршката и соработката,

Тимот на Justicia.mk.