Основен суд Скопје 1 - Скопје објави ново соопштение за јавност

Автор: Justicia.mk
Прoчитана: 805 пати
Датум на објава: 15/02/2016

 

Во Основен суд Скопје 1 – Скопје од Обвинителството за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникации вчера беа доставени два предлози за определување мерка притвор и тоа еден предлог до судија на претходна постапка од Одделот на организиран криминал и еден до судија на претходна постапка во Одделот кривично полнолетни.

 

Првиот предлог до судија на претходна постапка од оделот за организиран криминал против 8 лица за определување мерка притвор за обезбедување присуство заради непречено  водење на кривична постапка и тоа против :

Г.Ј. поради постоење на основите по чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП, односно цитирано од законот: Основан страв дека ќе ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоци, вештаци соучесници или прикривачот.

 За истиот член и за истиот став поднесен е предлог и за лицата М.Ј., К.Б., и К.Т.

За лицето Н.В. поднесен е предлог од чл.165 ст.1 и точките 2 и 3 односно доколклу се цитира законот, точка 3 која вели : особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело или дека ќе го стори кривичното дело со кое се заканува.

За истите точки поднесен е предлог и за лицето М.П. додека за лицето Е.Т. со предлогот освен горе наведените точки опфатена е и точка 1 која гласи: Се крие или не може да се утврди неговиот идентитет, или ако постојат други околности што укажуваат на бегство.

Дополнително со овој предлог опфатено е и лицето К.М. поради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т.2 односно исто и како првите 4 лица.

Предлогот е поднесен врз основа на истражна постапка за наведените лица отворена во текот на 2015 година, а по наредба за истражна постапка од 12.02.2016 година за основано сомнение дека лицата:

Г.Ј. сторила кривично дело „злосторничко здружување“ од чл.394 ст.1, „повреда на избирачкото право“ од чл.159 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.45

М.Ј. сторило кривично дело „злосторничко здружување“ од чл.394 ст.1, „поткуп при избори и гласање“ и „кривично дело уништување на изборен материјал“

К.Б. сторило кривично дело „злосторничко здружување“ од чл.394 ст.1, „злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања“

К.Т. сторило кривично дело „злосторничко здружување“ од чл.394 ст.2, и „кривично дело повреда на избирачкото право“

М.В. . сторило кривично дело „злосторничко здружување“ од чл.394 ст.2, и „кривично дело повреда на избирачко право“

М.П. сторило кривично дело „злосторничко здружување“ од чл.394 ст.2, и„ кривично дело повреда на избирачко право“

Е.Т. сторил кривично дело „злосторничко здружување“ од чл.394 ст.2, и кривично дело „повреда на избирачко право“ и кривично дело „поткуп при избори и гласање“

К.М. за едно кривично дело „уништување на изборен материјал“

 

Вториот предлог кај судија на претходна постапка во Одделот кривично полнолетни е за лицето И.Г. заради основано сомнение дека го сторил кривичното дело изборна измама од чл.165 в.в со чл.22 од КЗ

По добивање на двата предлози истите се распоредени согласно неделниот распоред на дежурни судии во двата оддели на претходна постапка.

Со оглед дека на моментот на поднесување на предлозите за определување мерка притвор наведените лица за кои се бара оваа мерка не се доведени во судот односно не е поднесен посебен предлог за приведување, а согласно чл. 157 од ЗКП наредба за приведување на обвинетите може да издаде судот ако постојат основи за притвор од чл.165 од овој закон под услов ако веќе е донесено решение за притвор или ако уредно повиканите обвинети не дојдат, а својот изостанок не го оправдаат или ако не можело да се изврши уредна достава на поканата, а од околностите очигледно произлегува дека обвинетиот го одбегнува приемот на поканата.

Ова не се однесува за лицето Е.Т. кое е лишано од слобода од неговиот дом од Ресен без судска наредба и доведен во судот.

Во вториот предлог кој се однесува за едно лице во договор на судија на претходна постапка и обвинителот кој го издал предлогот издадена е покана до лицето И.Г. да се јави во понеделник пред судијата како би можело судот да постапува по предлогот.

Во однос на првиот предлог кој се однесува за осум лица за време на извршеното сослушување на доведеното лице Е.Т. во судот сами се појавиле и лицата М.Ј., М.П., и К.М., во присуство на нивните полномошници.

По однос на останатите четири лица од страна на нивните полномошници судот записнички е известен дека лицата поради патување, за што се презентирани авионски карти не се во можност веднаш да се јават во судот, но дека ќе се јават тогаш кога ќе определи судот. При што на полномошните им се соопштено и записнички констатирано лицата да се јават во определено време што се смета за уредно поканети и постапувањето по предлогот за овие лица е одложен за тогаш.

При сослушување на сите присутни лица против кој е поднесен предлогот во присуство на нивните полномошници, а постапувајќи во смисла на чл.165 ст.1 од ЗКП кој наведува „ Ако постои основано сомнение дека определено лице сторило кривично дело, а доколку притворот е неопходен за водење на кривична постапка“, судија на претходна постапка ценејќи ги основите за притвор наведени во предлогот на обвнителството, за секој од наведените лица поединично, во рок од 6 часа по завршување на сослушувањето,  ги донесе следните решенија:

Во однос на лицето Е.Т. се одбива предлогот за притвор и му се определува превентивна мерка, јавување во Судот во Ресен еднаш неделно. Водејќи сметка да не се применува потешка мерка за обезбедување ако истата цел може да се постигне со друга мерка, дотолку повеќе на видливата здравствена состојба на лицето.

По однос на другите три лица одлуката на судија на претходна постапка е дека предлогот се одбива.  Причините за оваа одлука се наведени во образложението, за кој е дозволена рок за жалба во рок од 24 часа и со оглед на тоа дека не се правосилни не може дополнително да се коментира, а кога ќе бидат правосилни ќе бидат објавени на страната на судот.

Се работи за неправосилно одлуки и истовремено не е постапено во целост по предлогот, од тие причини ги замолуваме медиумките да не се лицитира со имиња на судиите бидејќи истото може да се смета како притисок врз судиите дотолку повеќе што се споменуваат имиња што не учествувале во постапката. Одлуките на судот се јавни и по правосилноста ќе бидат јавно објавени.

Во овој момент од постапката, со предлогот од страна на обвинителството, судија на претходна постапка одлучува за обезбедување на присуство на лицата, а не се одлучува за основаноста на делата кои им се ставаат на товар на истите лица. Доколку за овие лица обвинителството поднесе обвинение, следуваат другите фази на постапката.

 

Во однос на прашањата за евентуални жалби доставени од обвинителството и други предлози, жалбите се доставуваат до Кривичен совет на овој суд, а до сега нема други предлози до судот и за таквите предлози и ние како суд разбравме од прес конференцијата која се одржа непосредно пред поднесување на овој предлог.

 

 Со почит Основен суд Скопје 1 - Скопје.