Тркалезна маса „Поддршка за воспоставување на надворешен механизам за контрола на работата на полицијата“

Автор: Justicia.mk
Прoчитана: 331 пати
Датум на објава: 22/04/2016

 

Проектот „Поддршка за воспоставување на надворешен механизам за контрола на работата на полицијата„ е финансисран од страна на Советот на Европа и Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија, а го спроведува Програмската канцеларија на Советот на Европа во Македонија. Проектот започна со имплементирање на 1 декември 2015 година, а се очекува да биде комплетиран до 30 април 2016 година.

 

Главната цел на проектот е да се обезбеди поддршка на националните власти во процесот на идентификување и воспоставување на независен и ефикасен надворешен механизам за контрола на работата на полицијата. Проектот директно ги адресира прашањата поврзани со недостигот на ефективна истрага во случаи на наводи за несоодветно постапување од страна на полицијата, на што се укажува во пресудите на Европскиот суд за човекови права и извештаите на КПТ од посетата на државата, на тој начин помагајќи му на националниот систем да ги достигне европските стандарди во областа на контролата на полицијата.

 

Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, како дел од претставниците на невладиниот сектор, имаше свое учество во проектот преку свои експерти во работната група составена од 12 члена од институциите: Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, Јавното обвинителство, Народниот правобранител, Министерството за правда на Република Македонија, судската власт, невладиниот сектор, академската јавност и два меѓународни експерти на Советот на Европа.

Претседателот на Здружението – проф. д-р Трпе Стојановски и проф. д-р Гордан Калајџиев, беа претставници од Здружението во работната група од проектот и имаа свои излагања на завршната активност од проектот – научна и стручна расправа во однос на препораките од работната група, што се одржа на 20 април во хотел Арка – Скопје.

 

Проф. д-р Трпе Стојановски во своето заедничко излагање со г. Иџет Мемети, Народен правобранител на РМ излагање ја образложи важноста на улогата на Народниот правобранител и граѓанското општество во моделот на надворешна контрола на полицијата. Тој ја нагласи важноста на законската поставеност, надлежностите и нивното спроведување од страна на Народниот правобранител, како и дополнително ја нагласи потребата за натамошно подобрување на соработката со граѓанскиот сектор на заеднички проекти во кои ќе учествуваат претставниците на надлежните институции (како што е примерот во овој проект), кои преку синхронизирање на активностите ќе придонесат кон поголема хармонизација на дејствијата кои се преземаат од различни актери, а имаат заедничка цел.

 

Проф. д-р Гордан Калајџиев, во своето заедничко излагање со г-ѓа Гордана Ѓешковска, Основен јавен обвинител за град Скопје, ја образложи важноста на улогата на јавниот обвинител во моделот за надворешна контрола на работата на полицијата, односно имплементација на моделот „Обвинителство плус“, како тело за надворешна контрола над работата на полицијата, со вклученост на претставници од другите надлежни институции и граѓанскиот сектор. Проф. Калајџиев укажа на фактот дека воспоставувањето на надворешниот механизам за контрола на полицијата треба да се направи паралелно со другите реформи, како и укажа на тоа дека воспоставувањето на одреден елемент од механизмот за надворешна контрола е само еден аспект од домашните правни механизми за кои е потребно да се реформираат со цел да се спречи феноменот на несоодветно постапување и неказнивост на овие полициски службеници кои постапиле на овој начин.

 

 

Како заклучоци од членовите на работната група беа донесени:

Постоење на консензус во корист на моделот „Обвинителство плус“, што ќе претставува специјализирано одделение во обвинителството и тело за граѓанска ревизија и/или апелациско тело. Исто така воспоставување на нов надворешен механизам (Модел на граѓанска ревизија).

Структурата надлежностите и опсегот на работа на механизмот за граѓанска ревизија да се стават како важно прашање за кое би се дискутирало и договарало во иднина, поради тоа што во овој процес е потребно да се консултираат сите релевантни чинители.

Ова тело би можело да има и дополнителна улога да работи не само на поединечни случаи, туку и на системски проблеми во сферата на полициските пречекорувања.

Зајакнување на оперативното функционирање на постоечките механизми, преку реализација и спроведување на неколку посбни проекти.

Би било невозможно да се воспостави модел на целосна граѓанска истрага и контрола, механизам со изворни истражни надлежности во нашиот систем поради неговите значителни финансиски трошоци, воспоставениот правен систем во државата и претходната пракса и стекнато искуство.