Дали трошоците за економските промотори низ светот се „пари фрлени во ветер“?

Автор: Justicia.mk
Прoчитана: 480 пати
Датум на објава: 01/12/2016

 

 

Кога првиот економски промотор Димче Николов беше пратен во Италија, надежта дека земјата конечно ќе стане привлечна дестинација за инвестиции беше голема. Кон крајот на јануари 2008 година се забележаа првите контакти на Николов со италијански компании, каде тој се обидел да ги убеди инвеститорите дека Македонија е пријателски настроена кон странскиот капитал.

 

Денеска Македонија брои 33 економски промотори кои се распространети низ поразвиените земји и региони на светот, и истите државата ги плаќа од 2.500 до 3.000 евра месечно. Во целиот систем за привлекување на странски инвестиции се ангажирани 200 вработени, пет министри или вкупно 12 владини функционери.

 

Сепак, земјата сеуште е на дното на листата на земјите од регионот според странски директни инвестиции. Во извештајот на Еуростат за финансиските перформанси на земјите аспиранти за членство во Европската унија, се вели дека нивото на странските инвестиции во Босна и Херцеговина и Македонија во 2014 година е на исто ниво како во 2004-та година.

 

„За разлика од овие земји, во Албанија, Косово, Црна Гора и Турција биле три до седум пати поголеми во 2014-та година, во споредба со 2004-та година“, се вели во извештајот.


Извор: Скуп Македонија